Голготата на Иса Феим или колку лежерно државата си игра со судбината на луѓето

Се сеќавате на слугата Јернеј на Иван Цанкар? Оној што си го бараше своето право и секаде наоѓаше на затворени врати. Еве еден наш случај кој доста потсетува на тоа.

Иса Феим е градежен работник од село Аџиевци, општина Маврово-Ростуше. Работел 32 години во Градежното претпријатие „Гранит“. По долгогодишни проблеми со здравјето, во февруари 2012 година Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, врз основа на извршен здравствен преглед, донесува одлука дека кај него постои трајно губење на работната способност (општа неспособност за работа). Бидејќи со тоа тој ги исполнувал условите за добивање инвалидска пензија, нему му било укажано дека треба да си даде отказ на работа. Разбирливо, зашто ќе оди човекот во пензија. Феим така и постапил, но по три месеци, во мај 2012 година, ПИОМ го известува дека решил да го прогласи своето претходно решение за ништовно и дека дополнително одлучи дека кај него постои само непосредна опасност од настанување на инвалидност. Без да му изврши нов преглед на човекот (!). Согласно со новата одлука на ПИОМ, Феим не требал да прима инвалидска пензија, туку само требало да биде прераспореден на работно место кое не е поврзано со тежок физички напор, работа на бетонска база и во услови на запрашеност. Ами тоа што човекот веќе дал отказ врз основа на претходното решение на Фондот?

Оттука почнува голготата на Феим. Останува и без инвалидска пензија и без работа. Побарал од „Гранит“ да го врати на работа. Без успех. ПИОМ арно што си ја прогласи сопствената одлука за ништовна, но што правиме околу тоа што човекот со чија судбина си подигра остана без работа? Ако не можел ПИОМ да му наложи на „Гранит“ повторно да го прими на работа Феим, бидејќи неговиот отказ настанал по нивна вина, тогаш зошто државата не се потруди, преку Агенцијата за вработување, да му најде ново вработување на Феим соодветно за лице кај кое е утврдена непосредна опасност од настанување на инвалидност? Зашто, нели, по вина на државен орган тоа лице останало без работа и без извори за егзистенција. Или, заложбата на ПИОМ и на државата е што е можно повеќе да се заштедат пари на грбот на оние што имаат мака, а кога нивните потези некого ќе го остават на улица – е тогаш, тоа не е работа на институциите? И да го имаме предвид и следново. Ако Феим успееше да добие инвалидска пензија, нема да живееше како цар, туку само ќе преживуваше. Инвалидската пензија што ќе ја примаше ќе беше само околу 11.000 денари месечно. Браво, ПИОМ, успеавте да заштедите на Феим 11.000 денари месечно народни пари!

Барајќи ја правдата

Откако вака, по вина на ПИОМ, Феим остана на улица, и без работа и без инвалидска пензија, нему не му преостана ништо друго освен да се обиде да ја добие правдата. Што да прави човекот? Ја изгубил работата, а поради нарушеното здравје и веќе во години, каде ќе најде работа?

Отишол во синдикатот. Цели 32 години од неговата плата се одбивала членарина за Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, па сега, кога имал мака, решил да им се обрати. Го примил, во зградата на ССМ, некој што работел во синдикатот. Само пет минути траела средбата (!?). Еве, нека бидат десет минути! Му кажале да се обрати кај Народниот правобранител. Толку. Ами не можеле од Синдикатот за градежништво да побараат средба со менаџментот на фирмата и да го побараат од нив да го вратат Феим на работа? Можеби нема да успееја во тоа, но како смееле да не се обидат тоа да го направат кога се работи за нивни член? Или, добро е да се примаат пари во синдикатот по основ на членарина, но лошо е кога треба да им се помогне на своите членови кога ќе се најдат во неволја? И, да, најлесно е да се прати човек да чука на друга порта!

Феим чукна и на таа порта. Отишол и кај Народниот правобранител. Тој си е надлежен, и тоа по Устав, да ги штити уставните и законските права на граѓаните кога им се повредени од органите на државната управа и од други органи и организации што имаат јавни овластувања. Значи, штити и од прекршување на правата од страна на ПИОМ. Феим и’ ја презентира својата неправда и на службеничката на Народниот правобранител задолжена за случаи поврзани со ПИОМ, но и тука заглави работата. Во октомври 2015 година писмено го известија Феим дека се обратиле до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и дека за добиениот одговор и за понатамошниот тек на постапката дополнително ќе го известат. Сега е септември 2016 година. Уште не го известиле Феим што биднало!

Феим во ноември 2015 година одлучи и да поднесе тужба пред Управниот суд. Во мај 2016 година судот донесе пресуда, „во името на граѓаните на Република Македонија“, дека – ја одбива неговата тужба како неоснована. И го извести Феим за пресудата – на крајот од август, по три месеци. Патувала пресудата од Скопје до село Аџиевци три месеци! (И после Македонија била мала! Ко то каже ко то лаже!?).

Што да прави Феим? Ќе ја продолжи својата голгота. Ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд. Во меѓувреме, ја информирал и Делегацијата на Европската комисија во РМ – кои се прогласија за ненадлежни и, за волја на вистината, се ненадлежни. Феим прима социјална парична помош, но и таа му е преполовена, четири месеци пред тоа да биде законски. Капак на сè! Штеди де, нашата држава, кој тоа лаже дека се расфрлала со парите? Штеди, на оние што немаат…

Феим не се откажува. Тоа е она што радува и она што – импонира. Тешко е да се бори човек против институциите, со нарушено здравје, со преполовена социјална помош, за инвалидска пензија од цели – 11.000 денари месечно. Но, не се откажува. Како и слугата Јернеј. Верува дека, ако не во Македонија, ќе ја добие правдата во Стразбур. И ќе ја добие. Зашто очигледно му е нанесена неправда! Му посакуваме да ја добие правдата и да не се откажува од борбата!

Здравко Савески

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Најнови објави