Зошто Левица е различна од другите партии?

1Левица е единствената партија што отворено стои зад интересите на обичниот човек, на работниците, сиромашните и обесправените. „Сите партии не чинат“. „Сите се исти“. „Сите си гледаат само за себе“. Да, такви се сите досегашни партии кај нас. Но, такви не се по дефиниција сите партии. Надвор од Македонија има партии кои постојат за да ги штитат интересите на обичниот човек, партии што се формирани за да се спротивстават на елитите коишто го манипулираат и ограбуваат народот. Зошто и ние да немаме таква партија? За да имаме таква партија ја формиравме Левица! По сите овие години протестирање против мерките насочени против обичниот човек сфативме дека протестите не се доволни, дека мора да ги предизвикаме елитите и нивните партии и во институциите, за да се променат и применуваат законите во корист на непривилегираното мнозинство. Поинаква Македонија во интерес на обичниот човек е можна, поинаква Македонија е нужна!

2) Левица е антинационалистичка и надетничка партија. Доста ни беа делби на народот по етничка основа! Долги години успеваа да му го одвлекуваат вниманието на народот од реалните проблеми со кои се соочува секојдневно преку евтини националистички трикови. Но, разноразните самопрогласени патриоти со длабоки џебови веќе се прочитани. Додека ние се мразиме, тие нè ограбуваат! На тоа мора да му се стави крај! Левица е против секој етнички облик на национализам. Уште повеќе. Левица ја градиме како мултиетничка и надетничка партија, партија што ги брани интересите на обичниот човек без разлика на неговата етничка или верска определба. Да се здружиме и да не дозволуваме да нè делат по етничка линија!

nova_partija-levica

3) Левица е антирежимската опција која што нема багаж. Режимот ја згази демократијата и го осиромаши народот. Поради тоа, Левица цврсто стои на антирежимски позиции, потврдени преку нашето учество на протестите, не само од оваа година, туку и од претходните. Наши членови беа физички напаѓани, приведувани, повикувани на информативен разговор, држани во куќен притвор,  против нив се водат судски спорови за учество во протестите. Левица не може, а да не биде против режимот што ја окупира Македонија! Кај народот има големо незадоволство од режимот, но голем број луѓе не веруваат дека СДСМ и коалицијата суштински ќе биде поразлична од властодршците, особено во поглед на подобрувањето на животниот стандард на обичниот човек. СДСМ и коалицијата зад себе имаат багаж, багаж од своето претходно владеење, кога и тие ја злоупотребуваа власта и го осиромашуваа народот. Потребно е да завртиме нов лист! Граѓаните заслужуваат опција за гласање што е против сето она што режимот го претставува, но и опција која зад себе нема да има багаж. Левица е таквата опција!

4) Левица нема лидер. Политичките партии не треба да бидат изземени од демократските процеси! И евтина е онаа прокламирана посветеност на демократизацијата, при која не се работи на демократизацијата во сопствените редови. За разлика од сите останати султан-партии, Левица нема ниту претседател, ниту претседавач. Наместо тоа, Левица има колективно раководство, Президиум, а во процесот на донесување на одлуки учествува уште поширок круг на членови. Левица не е организирана одгоре-надолу, туку оддолу-нагоре. Левица не само што тврди дека е посветена на демократијата, туку Левица ја практикува демократијата и во своите редови.  Наш недостаток не е што немаме лидер, туку напротив – наш голем исчекор во демократичноста, во однос на сите останати партии. Нашата партија не создава партиски послушници, туку слободни граѓани кои знаат да ја ценат слободата на мислење и кои не трпат неправди. Покрај негувањето на демократските вредности, нашата структура е и одличен одбранбен механизам, ниту еден поединец да не може да ја киднапира партијата и да ја подреди на својот личен интерес, како што тоа им се случува на други партии, a особено на ВМРО-ДПМНЕ.

15890_10209474751609703_3012317991642697433_n

5) Левица нема финансиер кој што стои зад неа. Има работи кои можат да се направат со пари, но има работи кои можат да се направат само со срце и со цврста волја. Нè убедуваа дека е невозможно да формираме партија без „некој“ да стои финансиски зад нас. Затоа што за потпис е потребно 1.000 граѓани да дадат по 300 денари за документи. Докажавме дека тоа не е невозможно. Се покажа дека има доволно граѓани кои се подготвени да дадат пари од свој џеб за да видат нешто поразлично во политиката во Македонија, за да придонесат да им се подобри нивниот сопствен живот. Ако Левица се продаде на некој газда или олигарх за пари, тогаш ја губиме причината за нашето постоење, тогаш нема да можеме да ги штитиме интересите на работниците, сиромашните и обесправените. Затоа нема финансиер кој стои зад Левица! Тој финансиер не сака да види партија која е на страна на обичниот човек, а Левица не сака некој таков човек да ја држи во заложништво во однос на нејзините идејни определби, ниту пак да работи за неговото незаконско збогатување. Да, потешко е без пари, но нам принципите ни се важни и драги. Изборната кампања нема да ни биде скапа, но затоа ќе биде автентична и со срце.

6) Левица не е партија „на ти го – дај ми го“. Мора да го надминеме клиентелистичкиот менталитет. Ако не го направиме тоа, уште повеќе наши сограѓани, особено оние најквалитетните, ќе ја напуштат Македонија, зашто, и покрај своите квалификации, работните места им ги земаат приучени партиски послушници. Мора да се престане во партиите да се гледаат бироа за вработување. И тоа мора да се применува, а не само да се кажува. Ние не „купувавме“ потписи за регистрација на партијата преку нудење контра-услуги и лажни ветувања. Не мислиме да „купуваме“ ниту гласови! Да, мнозинството граѓани ќе има и лична корист од гласањето за Левица, но не преку заобиколување на правилата, туку преку притисокот на Левица да се воведат мерки и политики кои ќе го подобрат животниот стандард на мнозинството од граѓаните. Левица е сконцентрирана на остварувањето на нејзините мерки, а не на фаќањето функционерски фотелји. И ќе направи сè што е во нејзина моќ да се подобри животот на обичниот човек.

protesti4

На Македонија неодложно ѝ се потребни темелни промени. Промената на власта не е доволна. Потребна е промена на начинот на владеење. Не во интерес на тесна клика, туку во интерес на мнозинството обесправени. Не коруптивно и клиентелистички да се пополнуваат работните места, туку согласно квалитетите и квалификациите на луѓето. Таквите промени не можат да ги направат партиите кои фактички се бизнис партии, партии на елитите, партии – бироа за вработување, султан-партии со локални шерифи. Потребни се нови, поинакви партии, партии со внатрешна демократија, со антикорупциски намери и со стремеж да придонесат кон општото добро. Левица е таква партија! Да бидеме промената која сакаме да ја видиме!

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e

Најнови објави