Поднесено барање за референдум до општина Гевгелија

Денес Локалниот огранок на Левица од Гевгелија поднесе барање до претседателот на Советот на Општина Гевгелија како и до советниците во Советот. Од нив бараме две работи.

1. На четириесет и третата седница на Советот која треба да се одржи во петок на 13.03.2020, да се постави точка на дневен ред по која советниците треба да се изјаснат дали се за или против референдум на 12 Април во врска со зонското паркирање
2. Советниците да донесат одлука за распишување на референдум.

Референдум во врска со зонското паркирање во Гевгелија бараме затоа што проектот е нелегитимен (нема дозвола од граѓаните). На последните локални избори 8.345 граѓани гласаа за програмата “План за живот во Гевгелија” со која е предвидено нова катна гаража, уредување на постоечките паркинзи и отварање нови паркинг простори. Со зонското ќе се прави спротивното односно ќе се наплаќа на веќе постоечките паркинзи. Следствено на ова одлуката за зонско паркирање НЕ Е ЛЕГИТИМНА, а потребниот легитимитет не може да се добие со интернет анкета на која се изјасниле околу 280 лица (од кои мнозинството гласало против) и со јавна презентација на која имаше дваесеттина луѓе.

Референдумот бараме да се распише на 12 април затоа што на тој ден се и предвремените парламентарни избори. Тоа значи дека гласачките места секако ќе бидат отворени и ќе може да се искористат тие луѓе кои ќе бидат на гласачките места со цел да се скратат општинските трошоци кои се потребни за организирање на референдум.

Одлука бараме да се донесе на оваа седница затоа што само така ќе се запази законскиот рок според кој од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во општинското службено гласило до денот на одржување на референдумот не смеат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.


Реакција на Локален огранок Левица – Гевгелија.

Најнови објави