(НЕ) Еднаквоста во интеграционите процеси

Еднаквоста во Европската Унија е висок објективен идеал кој  во политиката на проширување останува само субјективна оценка на политичките процеси. На што точно мислам?

Александар Симонов
студент по меѓународни односи на Санкт-Петербургски Државен Универзитет.

Враќајќи се на основањето на ЕУ, неизбежно е дека Унијата во своите најрани договори (прва форма на функционирање) е  целосно економска унија. Ова значи дека главниот елемент на функционирањето на унијата ќе биде основан на економското добро. Следователно е хипотезата дека ЕУ нема да донесува одлуки кои нема да одат во правец на развивање на нејзината економија. Историјата на ЕУ покажува дека во сите досегашни процеси  на проширување, економското добро за унијата е главна (пример проширувањата во 1973 и 1995 година) или една од неколкуте главни причини за проширување. Затоа, се поставува прашањето, какви економски придобивки дава ЕУ од интеграцијата на земјите од Западен Балкан? – Нема сомнение дека земјите од Западен Балкан имаат економски стандарди, многу пониски од стандардите на ЕУ. Без оглед на огромните ресурси што ЕУ ги додели за поддршка и развој на економијата во регионот, сè додека ЕУ ги нема потребните економски придобивки, интеграцијата на Западен Балкан останува невозможна.

Геополитичката положба слободно можеме да ја определиме како еден од основните двигатели на интерграционата политика на ЕУ. Тоа веќе се покажа како клучен фактор во проширувањата 1981, 2004 и 2007 година.

Во однос на критериумите за проширување во 1981 година, Грција беше управувана од воена хунта до 1974 година и аплицираше за членство во ЕУ следната година. Грција само формално го исполни основното барање за демократски систем. Главната причина зошто Грција влезе во ЕУ е борбата помеѓу двата блока за време на Студената војна. Имено, другите држави на Балканот припаѓаa на социјалистичкиот систем на управување (иако некои од нив имаат тенденција и беа поврзани со држави од третиот свет), единствената држава што може да има корист и да го врати западното влијание на Балканот беше Грција. Како резултат на идеолошката и геополитичката борба меѓу двата блока, Грција стана членка на ЕУ (ЕЕЗ) во 1981 година, и покрај коментарите за подготвеноста за членство. Ако ги споредиме денес подготвеноста и демократските можности на земјите кандидати за членство во ЕУ, како и подготвеноста и демократските можности на Грција во моментот на нејзиното влегување во ЕУ (ЕЕЗ), ќе забележиме дека во тој момент Грција има многу помалку демократски можности од земјите-кандидатки денес, што не е единствениот таков пример.

Доколку ja погледнеме геополитичката улога на најголемото проширување во 2004 и 2007 година, и споменеме дека ова проширување беше тесно поврзано со членство во НАТО алијансата, не е тајна дека во најзначајна улога за ЕУ во проширувањето беше отстранувањето на „руското влијание“ во Европа, и раширување на западните вредности. Несомнено е дека сите држави не ги исполнуваа еднакво европските критериуми, секоја од државите имаше дефицити по различни основи, во различни области, но целта за доминација на западните вредности во Централна и Источна Европа и инсталирање на безбедносни капацитети кој ќе ја заштитуваат ЕУ од „надворешен непријател“ беа поважни од сопствените вредности. Во овие контексти, државите од Западен Балкан немаат важна геополитичка положба која е од интерес на ЕУ за нивна интеграција. Дополнително, зачленувањето на дел од овие држави во НАТО гарантираат безбедност на ЕУ и е причина повеќе за губење интерес на ЕУ да го интегрира овој регион.

Во контекст на геополитиката, потребно е да се забележи и улогата која ја имаат Балканските држави кон Блискиот Исток. Кога се случи бегалската криза (2015), дел од евро-оптимистите беа со став дека тоа е причина повеќе за обединување на Европа. Но дали тоа е така? Имено доколку се интегрираат балканските држави (вклучувајќи ја и Турција), тогаш ЕУ за свои соседи ќе ги добие државите од Блискиот Исток кои не се ниту безбедносно, ниту политички, ниту економски стабилни и дополнително би го олеснило патот на миграција кон Западна Европа. Спротивно од тоа, неинтегрирањето на овие држави практично претставува граница со овој нестабилен регион, и истовремено граница која го спречува протокот на мигранти. Заради ова од поголем интерес на ЕУ е овие држави да останат неинтегрирани. Овие геополитички аспекти всушност покажуваат колку геополитичката положба е важна. Во услови на геополитичка нестабилност, ЕУ има значително пониски критериуми за интеграција, дури е готова да отстапи од своите вредности во контекст на геополитичкиот интерес. Моментално државите кандидати за членство во ЕУ немаат забележително значење, а тоа го исклучува интересот на ЕУ за нивно интегрирање.

Дали демократските капацитети кој постојано се негативно оценувани од страна на Европската Комисија се непреминлива пречка? Oсвен примерот за Грција (кој веќе е споменат) не треба да се заборави дека Шпанија и Португалија беа интегрирани во ЕУ неколку години подоцна по примерот на Грција, после паѓањето на режимите во двете држави со премали демократски капацитети. Ваков пример во поновата историја на ЕУ е раширувањето во 2007 година, кога Романија и Бугарија станаа членки. Извештајот од мониторингот на Комисијата издаден во 2006 год. покажаа дека е потребен прогрес во бројни сегменти на судскиот систем, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и дека овие сегменти ќе продолжат да бидат субјект на мониторинг.  Така, по нивниот официјален прием, овиe две држави продолжија да бидат набљудувани од страна на Комисијата, пред сè во однос на владеењето на правото. Што укажува дека ова проширување се засноваше многу повеќе на политичка одлука – отколку на критериумите утврдени во Копенхаген и дека во случај на неисполнување на критериуми, ЕУ може да изнајде политичко решение за интегрирање на одредена држава, што не е случај со останатите кандидати од Балканскиот полуостров.

Правото на вето кое го имаат државите членки на ЕУ стана основа за заштитување на националните интереси на сметка на државите кои се интегрираат. Не постои балканска држава која во одреден момент од својата интеграција не добила вето или закана за вето доколку не исполни одреден услов побаран од држава претходно интегрирана во ЕУ. При последното проширување Хрватска која има отворени гранични спорови се соочи со таков проблем. Словенија како членка на ЕУ и се закануваше, па дури и ги блокираше преговорите на ЕУ со Хрватска додека граничниот спор околу Пиранскиот залив не беше решен. Оваа позиција ја стави Хрватска во подредена позиција, и принудена да направи отстапки со кој не е согласна во дадениот спор, што укажуваа на нееднаквите позиции во преговорите кои се резултат на политиката која ја води ЕУ и дава можност за отворена злоупотреба во процесот на интеграција.

Во ваква слична ситуација се најде Србија која мораше да ги доуредува правата на романската етничка заедница. Држава со најлошо вакво искуство е Македонија која заради спорот со името никогаш не доби преговори со ЕУ. Почнувајќи од 2009 до 2012 година Македонија на секој самит добиваше позитивна препорака од ЕУ за отпочнување на преговорите и на секој самит доби вето од страна на Грција, а во 2012 година и Бугарија се приклучи кон користењето на правото на вето во заштита на своите национални интереси на сметка на интеграциониот процес на Македонија. Користењето на вето укажа на голема слабост во интеграционата политика на ЕУ. Оваа слабост веројатно би требало да се надмине со тоа што правото на вето би се користело само во случај дадениот проблем да има негативен одраз кон ЕУ.

Досегашната пракса покажа злоупотреба на ветото за секој билатерален спор на штета на државата која има кандидатски статус, а привилегија на државата која е претходно интегрирана. Напротив доколку еднаквоста е висока европска вредност, тогаш би било одлично билатералните спорови да се решаваат или целосно надвор од рамките на ЕУ или целосно внатре (по интеграцијата), во ЕУ каде сите страни ќе бидат еднакви.

Специфична е ситуацијата со Турција која во моментот не се соочува со класично вето како пречка, туку со еден поинаков инструмент со моќност на вето. Во мај 2008 година, Франција го смени својот устав, задржувајќи ја клаузулата за референдум само за земји со население повеќе од 5% од вкупното население на ЕУ, со што ефикасно ја  издвојува Турција. Ова значи дека доколку Турција целосно ги исполни барањата на ЕУ може да не стане членка, заради огромната веројатност дека референдумот во Франција ќе биде негативен. Особено значење треба да им се даде на отворените прашања кои ги имаат балканските држави, а се претставени како услов (или еден од условите) за влез во ЕУ. Во прв план се издвојуваат проблемот со Косовското прашање и проблемот со името помеѓу Македонија и Грција.

Што се однесува до косовското прашање, Србија не се соочува со проблем поврзан директно со држава од ЕУ, туку се соочува со еден од условите за интеграција – добро-соседски односи. Оттука ЕУ не дозволува интеграција на Србија без разрешување на спорот, а истовремено не нуди никакво прифатливо решение за државата. Овој пример е спротивен од претходно утврдената пракса за интеграција, по однос на проблемите со самопрогласените држави на територија на држава кандидат за влез во ЕУ. Асиметричен е случајот од 2004 година со интегрирање на Кипар во ЕУ. Тогаш Кипар влезе во ЕУ, иако на неговата територија остана неразрешен спорот со самопрогласената Турската Република Северен Кипар. Единствената позначајна разлика која може да се примети во овие примери е тоа што Косово беше признаено за држава од некој членки на ЕУ додека Кипар не.

За разлика од овој пример кој претставува колективно барање на ЕУ – случајот со спорот за името помеѓу Македонија и Грција имаме конкретно барање на ЕУ (разрешување на спорот и создавање добрососедски односи), но условот за решавање на овој спор е целосно поставен од страна на конкретна држава, во случајот Грција. Ваквата политика дополнително влијаеше на однесувањето на Бугарија кон Македонија. Бугарија (подучена од грчката пракса) во 2012 година постави вето на препораката за отпочнување преговори со Македонија, за подоцна да бара создавање на нов билатерален договор за добрососедски односи во кој поставените барања се однесуваа дирекно кон историјата и идентичноста на Македонија. Досегашната пракса на ЕУ нема ни приближно вакви случаеви. Должност е да се забележи дека вакви услови, како преименување на држава,  отстапување сопствена територија за создавање на нова држава или менување на сопствена историја не само што морално и етички се неприфатливи – туку и претставуваат сериозно загрозување и нарушување на националната идентичност и култура што немаат никаква врска со европските стандарди.

Независно од тоа што во јавноста беше претставен дека по правењето огромни отстапки на своја штета, разрешувањето на спорот за името (Македонија и Грција)  и потпишување на договор за добрососедски односи (Македонија и Бугарија) и исполнувањето на условите, веднаш ќе добие датум за преговори со ЕУ, тоа не се случи. Октомврискиот самит на лидери на ЕУ во Брисел заврши сосема поинаку, Овој пат Франција следена од неколку држави го блокираа отпочнувањето на преговори со Македонија и најавија целосна реформа, и нова методологија во водењето на процесот на преговори, што е уште еден показател на нееднаквите критериуми кој ги има ЕУ кон кандидатите за влез во Унијата од Балканот.

И конечно, имаме методологија според која, ако ги заштитиме нашите национални интереси, а не интересите на ЕУ (вклучувајки ја и нужната поклонетост кон договорите за добро соседство), можеме не само да го изгубиме статусот на преговори, туку и да изгубиме воопшто било што досега од достигнатото во интеграциониот процес. Во таков случај единствениот статус кој ќе ни остане е Северна.

Најнови објави