„Паразитскиот“ јавен сектор и милосрдните „газди“

Веќе со години, поточно, откако олигархијата си ја зеде државата под мишка како лубеница, јавното мислење тенденциозно и систематски се храни со ставот дека јавниот сектор е прекуброен товар на самарот од, кутрото ни, магаренце.  

Жаклина Свеќаровска
Потпретседател на Независен синдикат за образование и наука

Наводно, кога би ги немало тие, „паразитите“ од јавниот сектор, магаренцето на чудесен начин ќе се трансформира во крилат коњ кој со брзина на светлината ќе одлета кон ѕвезденото небо на чиј олтар, како беспомошно, невино јагне, беше жртвувана не само националната самосвест, туку и континуитетот и вековните заложби на еден народ. Топтан со името. 

Сега, во време на криза, во време на хистерија која што се шири како шумски пожар, повеќе од било кога. Еден слој од општеството што со години се дуе како пијавица, исцицувајќи ги животните сокови на народот, перфидно, дрско и безобзирно сее хаос среде хаосот, со намера дополнително да ги антагонизира оние кои треба природно да се сплотени: работниците. Без оглед во кој сектор работат, јавен или приватен.

Кога ги слуша човек ќе помисли дека фирмите им се перпетуум мобиле. Потполно независни од било кој јавен сервис. И дека јавниот сектор живее токму од нивната милостина. И дека не се тие оние кои им ја цицаат крвта на работниците, туку „паразитите“ од јавниот сектор. Дали ваквото тврдење е точно? Што точно опфаќа јавниот сектор и кои задачи ги извршува во општеството?

Од што да почнеме? Од метењето улици и изѓубрувањето смет? Од згрижувањето и образованието на децата? Заштита на јавното здравје? Полиција? Војска? Пожарникари? Културни установи? Библиотеки? Просторно планирање и инфраструктура? Регулирање платен промет? Катастар? Наука? итн.итн. Што од ова е непотребно? Која од овие дејности е прекубројна? Како би заминале на работа мајките и татковците со мали деца ако не постојат градинки? Кој би се оспособил за било која работа што бара одредени компетенции без училишта? Кој би планирал и би реализирал патишта, на пример? Кој би интервенирал во случај на пожар или кражба? Кој би означил и евидентирал кое чие е, чија меѓа до каде е? Кој би ги одржувал улиците и парковите? Може да се набројува уште многу. Но, нема потреба, и ова е доволно илустративно.

Од каде доаѓа перцепцијата на народот дека во јавниот сектор не се работи? Од работниците во јавниот сектор? Или, од неговата злоупотреба? Сведоци сме дека на платните списоци постојат лица кои дури ниту немаат работен ангажман. Не одат на работа. Сепак, ги уживаат сите бенефити од работен однос. Дали ваквата појава е креација на вработените во јавен сектор? Или на креаторите на политики во државава?

За да се исфинансираат овие имагинарни работни места кои, меѓутоа, имаат конкретни финансиски импликации, и дел други, исто такви, за нијанса поинакви, креирани со цел од јавни пари да им се плати на партиските активисти, се креира една општа, јавна осуда при што сите се ставаат во ист кош. А државата се има ставено во скутот на банките. Затоа денес, кога се бараат начини како да се замазни она кое со години е нагризувано, на банките им се дозволи, поточно  им се овозможи,  дополнително да соберат стотици милиони евра од очајот на работникот. Тој од приватниот и тој од јавниот сектор.

Додека сето тоа се случува, се фрла димна бомба во вид на предлог за урамниловка на платите на минимална плата (каква што не постои во развиените општества, бидејќи се утврдува плата за работен саат, не месечен паушал) која би внесла капка во буџетот, а реки во банките! И сè тоа во име на некаква солидарност, а всушност со перфидна намера истото тоа да продолжи (секој треба да биде солидарен, освен оној кој профитира од експлоатација на туѓ труд) и во приватниот сектор. Делењето милостина за ситни пари и медиумската помпа околу тоа не е само патетика и невиден сарказам, туку е и дел од сценариото за фрлање прашина во очите на работникот.

Намерата е ние, работниците, од корона хистеријата да излеземе уште посиромашни и поразединети, а олигарсите да тријат раце над заработката и уште поцврсто да ги притегнат дизгините на магаренцето кое немилосрдно го јаваат и товараат додека му продаваат бајка оти ќе стане крилат коњ.   

Најнови објави