Да се изврши корекција на цената на паркирање во општина Центар

Пред само неколку месеци, ПОЦ донесе одлука за зголемување на цената на сите паркинзи во Општина Центар, за како што наведоа “похумано живеење на граѓаните на општината“. Оваа одлука, тврдеа тие, ќе придонесе за намалување на бројот на паркирани возила во централното градско подрачје, би се стимулирало користењето на градскиот и алтернативниот превоз и ќе придонесе за намалување на загадувањето.

Денес, сведоци сме дека со мерките на ограничување на движење поради пандемијата на Ковид-19, фреквенцијата и бројот на возила кои се движат низ градот се драстично намалени, бројот на автобуски линии е преполовен, а за голема среќа и загадувањето е речиси неприсутно. За пример, во изминативе два месеци, мерната станица во општина Центар има регистрирано покачено ниво на ПМ10 честички во само 3 дена и тоа вредностите се надминати за само 5-15 мг/м3, од дозволени 50.

Доколку намерата на Јавното Претпријатие за јавни паркинзи било навистина да се излезе во пресрет и да се работи во корист на сите граѓани, тогаш овие мерки со покачување на цените се веќе излишни и би требале да бидат веднаш прекинати.

Во ситуација кога граѓаните:
– се движат низ градското подрачје речиси исклучиво за работни обврски, административни потреби или за снабдување со основни добра;
– се обидуваат набрзина да ги завршат обврските поради наметнатиот полициски час;
– капацитетот на градскиот превоз е драстично намален и се препорачува избегнување на негово користење;
– алтернативните превозни средства се сѐ уште со намалена употреба поради лошите временски услови;

Логично и во интерес на граѓаните е да им се обезбедат поволности за користење на јавните паркинзи, кои и онака би требало да бидат нивен сервис и јавно добро. Очигледно е дека ниту паркинзите ќе бидат преоптоварени, ниту ќе се намали загадувањето во градот, доколку цените останат на вака нереално висока вредност.

Апелираме, да се изврши КОРЕКЦИЈА на цената на паркирањето, односно во најдобар случај да се обезбеди бесплатно паркирање за времетраење на вонредната состојба. Тоа би требало да биде за бенефит за граѓаните кои и онака ќе бидат најмногу погодени од економскиот удар кој ќе следи по оваа состојба, наместо само да продолжи да се полни општинската каса врз несреќата на обичниот граѓанин.

Единствено што до сега превзема ПОЦ во врска со кризата е да информира дека нема да прифаќа плаќање во кеш, туку исклучиво по електронски пат, како и да апелира до граѓаните “да го зголемат нивото на личната хигиена“ и да пијат повеќе течности.


Реакција на ЛО Левица – Центар.

Најнови објави