Бараме свикување итна собраниска седница за пратенички прашања на која ќе бидат повикани Министерката за финансии и Гувернерката на НБРМ

Денес, пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија, до претседателот Талат Џафери упатија официјално писмено Известување со барање за свикување итна седница за поставување пратенички прашања.

Ваквата специјална седница, според Деловникот, е предвидено да се одржува секој последен четврток во месецот. Бидејќи утре е последниот четврток во тековниот месец август, а воедно е и последна шанса за поставување пратенички прашања на министрите од техничката преодна Влада на РМ во заминување – нашите пратеници побараа итно свикување пленарна собраниска седница, како би се овозможил уставниот принцип на парламентарна контрола на законодавната врз извршната власт.

Бидејќи планираме на оваа седница да го отвориме контроверзното прашање за пропаста на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај и на тргувањето со инсајдерски информации од страна на актуелни функционери на штета на граѓаните и јавниот интерес – пратениците на Левица, 24 часа пред седницата, писмено побараа на седницата да се обезбеди задолжително присуство на Министерката за финансии – Нина Ангеловска и на Гувернерката на Народната Банка на РМ – Анита Ангеловска-Бежовска, согласно чл. 38 од Деловникот.


Најнови објави